Скопје

БЕГ: И в година сигурно и безбедно снабдување со топлинска енергија

08.05.2018 15:46

Скопјани и в година ќе имаат сигурно снабдување со топлинска енергија- велат од „Балкан енерџи груп“. За 5 години се инвестирани над 10 милиони евра во модернизација на топланите и на топловодите. Бројот на корисници е зголемен за 6.300, има простор за приклучок на нови, затоа што капацитетот сѐ уште се користи половично...

Скопјани и в година ќе имаат сигурно и безбедно снабдување со топлинска енергија, најавуваат од „Балкан енерџи груп“. Нема отворена стечајна постапка кон компанијата и таа работи стабилно, велат од менаџментот. Во тек е судска постапка за едно побарување, за кое од БЕГ велат дека е неосновано. Во моментов се врши контрола, сервисирање и редовен ремонт на постројките во топланите, а се работи и на топловодите. Од вкупно 220 километри досега се заменети 32 километри цевководи. Зголемувањето на енергетската ефикасност ги намали оперативните трошоци на БЕГ за околу милион евра годишно. За 5 години се инвестирани над 10 милиони евра во модернизација на топланите и на топловодите.

„Во однос на цена и квалитет, а последните 5 години, како резулатат и на цените на енергенсите на пазарите, но во голем дел и резултат на зголемување на енергетската ефикасност и намалување на оперативните трошоци, за домаќинствата цените се намалени за повеќе од 30%, за бизнисот повеќе од 55 %, а за образовните институции за повеќе од 65%. Запрен е трендот на исклучување, приклучени се нови 6300 корисници, со вкупен капацитет од 50 мегавати“, изјави Димитар Кочовски, генерален директор на „Балкан енерџи груп“ АД Скопје.

Секој корисник, домаќинство или куќен совет, може да инсталира калориметар, што нуди флексибилно користење на топлинската енергија, велат од БЕГ. Заедно со Регулаторна комисија за енергетика се размислува за нудење можност за 24 часовно греење. Се подготвува техничката база, а корисниците ќе можат да изберат кој режим на затоплување ќе го користат.

Од расположивите 800 мегавати БЕГ сега користи само половина. Градската топлификациона мрежа ќе се шири кон Ѓорче Петров и населбата Александрија.

Треба внимателно да се планира која урбана заедница како ќе се загрева, затоа што централното греење е најисплатливо за густо населени подрачја, сметаат од БЕГ. Внимателно да се инвестира, за да не се повтори 2010-та, кога на Водњанска во топловод биле инвестирани милион евра, а не бил приклучен ниту еден нов корисник.

 

Свето Николовски