Мицкоски објави нов скандал поврзан со Заев, СДСМ реагира- наводите се измислени
Заев како градоначалник на Струмица продал земјиште кое завршило во рацете на неговиот брат, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНE, Мицкоски и бара обвинителството да го преиспита случајот. СДСМ реагира- наводите се измислени, постапката е чиста и транспарентна...

Заев како градоначалник на Струмица продал земјиште кое по повеќе постапки завршило во рацете на неговиот брат- лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски објави нови документи за, како што вели, нов скандал поврзан со актуелниот премиер.
Појаснува дека тоа се случило во декември 2014-та година кога по јавно наддавање било отуѓено градежно земјиште во Струмица. На аукцијата, рече Мицкоски, се јавил само еден понудувач, бизнис- партнер на братот на Заев. Откако ја добил дозволата за градење, со договор му ги предал овластувањата на две компании кои биле во сопственост на Вице Заев и на негов братучед. За возврат добил стан од 40- квадратни метри, а биле милионски заработките на градителите, обвини Мицкоски.
„Значи еден стан за локација на која се гради зграда со нето површина 6 888 м2, профит над 1 милион евра за братот и братучедот на Зоран Заев. Потписници на овој документ се Вице Заев, Сашко Брндевски и управителот на АД Пелагонија Јанев, каде член на управен одбор во тоа време е братучедот на Зоран Заев, Трајче Заев. Ова отвора сомнеж дека бизнис партнерот на Заеви е само параванот, а потоа јасно се гледа дека зградите се градат токму од компанијата на братот на премиерот Зоран, Заев, Вице Заев“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат, дали постои конфликт на интереси и бара Јавното обвинителство да го преиспита случајот.
Од СДСМ одговорија - залудни се измислените наводи на Мицкоски, постапката е чиста и транспарентна и е во интерес на Oпштина Струмица и економијата.
„Во 2014-та година, периодот за кој денеска неосновано обвинува Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ имаше целосна контрола врз институциите и доколку постоеше и најмало сомневање за сторен криминал од претседателот Заев и неговото семејство тие веднаш ќе беа процесуирани. Јавноста сѐ уште памети дека во тој период беа правени стотици контроли врз работата на Општина Струмица, дека сите можни институции и инспекции буквално со месеци живееја во Струмица и не успеаја да најдат ништо незаконско“- стои во реакцијата на СДСМ.
Несериозно и неодговорно е Мицкоски, денеска после четири години, да се обидува да оживува потрошени лажни и наводни афери измислени од ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ.
Наташа Гркова- Петрушевска
