Инсулин ќе се набавува со интервентен увоз
Со интервентен увоз ќе се решава недостигот од инсулинот „Новорапид“. Од лекот има има уште за месец и половина. Од ресорот здравство тврдат- дијабетичарите нема да останат без терапија...

Од инсулинската терапија „Новорапид“ има уште за месец и половина. За да не останат дијабетичарите без овој лек, ресорното министерство бара начин за интервентен увоз и дополнителна тендерска постапка за нов договор за набавка. Државниот секретар во Министерството за здравство тврди- дијабетичарите нема да останат без потребната терапија.
„Согласно постоечкиот договор за набавка на инсулин, двогодишниот договор август 2016- август 2018 од сите типови на инсулин има доволни количини. Единствено претставува мал проблем „Новорапидот“ кој го имаме само за уште месец и половина. Веќе бараме начин да извршиме интервентен увоз и дополнителна тендерска постапка за еден и пол месец за да стигнеме до август кога ќе го отвориме комплетниот пакет за јавна набавка за нов двогодишен договор за набавка на инсулин“, изјави Владимир Милошев, државен секретар во Министерството за здравство.
Според податоците од системот „Мој термин“ во земјава има околу 100 илјади дијабетичари, од нив 40 илјади примаат инсулинска терапија . Лекарите велат, ова хронично заболување зема се поголем замав во светот, но и во Македонија.
„Дијабетесот е хронично, тешко заболување кое претставува голем проблем и за пациентите, но и за државата за лекување на дијабетесот и за сите компликации. Ние сме земја со највисоката застапеност на дијабетес во регионот, но и пошироко“, изјави д-р Татјана Миленковиќ- ендоклинолог.
Потребна е поголема едукација на пациентите со дијабетес, но и на здравствените работници – беше истакнато на доделувањето на признанието кое го доби Клиниката за ендокринологија од Меѓународната федерација за дијабетес.
Андријана Атанасовска
