Свет

САД го напушта нуклеарниот договор со Иран, ЕУ во обид да ја зачува меѓународната спогодба

09.05.2018 10:30

Претседателот Трамп соопшти дека САД се повлекуваат од Нуклеарниот договор со Иран. Сега на потег е Конгресот. Иранскиот претседател Рохани изјави дека Техеран сака разговори за да реши дали земјата има интерес да остане потписник на договорот. Русија разочарана од одлуката на Трамп. Европската унија сака да ја зачува меѓународната спогодба со Иран за неговата нуклеарна програма. Израел, пак, ја зголеми борбената готовност на армијата...

САД официјално се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма, а укинатите санкции во рамките на спогодбата од 2015 година кон официјален Техеран ќе бидат обновени. Американскиот претседател Доналд Трамп најави најстроги казнени мерки за земјата којашто според него, поддржува и спонзорира терористи кои предизвикуваат хаос на Блискиот Исток.

Нуклеарниот договор со Иран требаше да ги штити САД и сојузниците, но тој му овозможи да продолжи со збогатување на ураниум. Ниедна акција што ја презеде не беше поопасна од заложбите за стекнување со нуклеарно оружје“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.

Реакциите на домашната сцена поделени. Американскиот потпретседател Мајк Пенс најави нов договор кој би го спречил Иран да прерасне во нуклеарна велесила. Претходникот на Трамп, Барак Обама предупреди на две сценарија: Иран вооружен со нуклеарно оружје или уште една војна на Блискиот Исток.

Во тој регион, пак, едни со суперлативи, а други со осуда за конелната одлука на Белата куќа. Израел ја зголеми борбената готовност на армијата.

„Ја цениме одлуката на американскиот претседател Трамп за повлекување од Договорот на терористичката програма во Техеран. Од самиот почеток сме против него бидејќи наместо да го блокира, тој го поплочува патот кон создавање на арсенал на нуклеарни бомби. А укинувањето на санкциите резултираше со катастрофални последици“, рече премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху.

Иран се закани дека е подготвен да продолжи со неограничеото индустриско збогатување ураниум доколку не успеат преговорите со неколку земји за натамошното спроведување на договорот.

Техеран ќе се придржува до Договорот и покрај повлекувањето на Вашингтон. Наместо со шест држави, сега имаме договор со пет. Ќе ја чекаме реакцијата на останатите во групата. Иран нема да му дозволи на Трамп да победи во оваа психолошка војна“, изјави претседателот на Иран, Хасан Рохани.

Турција стравува од нов конфликт, а Русија изрази разочарување од одлуката на Белата куќа. Обединетите нации апелираа до потписничките на Договорот да се придржуваат до обврските. Официјален Брисел најави единствност во идните активности за ова прашање.

„Нуклеарниот договор со Иран е пресуден за безбедноста во регионот, за Европа и за целиот свет. Се додека Иран продолжи да ги извршува обврските од спогодбата, како што беше досега, Европската унија ќе остане посветена на целосно спроведување на спогодбата“, истакна Федерика Могерини, шефица на европската дипломатија.

Со договорот од 2015-та година, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата. 

 

Маја Филдишев