Ден на Европа

Османи: Недобивањето датум за преговори носи ризици

09.05.2018 12:43

Вицепремиерот за евроинтеграции Османи очекува реафирмирана европска перспектива за земјите од Западен Балкан, со декларација. Пред амбасадорите посочи-ако не добиеме датум за почеток на пристапните преговори, Брисел треба да има предвид дека ризиците се големи. Земјата за една година постигна импресивни резултати, но останува на Советот на ЕУ да ја донесе одлуката за датум за пристапни преговори, изјави евроамбасадорот Жбогар.

Македонија е важен дел од Европа. Таа е единствена држава во регионот што ги има решено сите граници и е функционална мултиетничка демократија. Направивме напредок во односите со Бугарија и со Грција сме пред историски успех за наоѓање решение за името. Ризикот за оддолжување на преговорите за членство со Европската унија е голем, предупреди вицепремиерот Османи на работниот појадок со амбасадорите по повод Денот на Европа.

„Дополнителни аргументи за добивање почеток на преговорите се дека ризикот во спротивно ќе биде голем. Губење надеж за прием во ЕУ и НАТО ќе предизвика младите образовани луѓе да ја напуштат земјата, а со тоа ќе го загубиме потенцијалот за развој и раст. Тоа исто така, ќе предизвика поделба на етничка, религиозна и социјална основа, недостиг од поддршка за работата на демократските институции и зголемување на потенцијалите за тероризам, екстремизам и национализам. Не смееме да го дозволиме тоа“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.

Самитот за Западен Балкан во Софија наредната недела ќе ја потврди европската перспектива на земјите од регионот, но евроамбасадорот Жбогар не сакаше да прејудицира дали Македонија до јуни ќе добие датум за почеток на преговори. Бугарскиот амбасадор чија земја е актуелен претседавач со Унијата се надева дека тоа ќе се случи на Самитот на Европскиот совет во јуни.

„Земјата го потврди прогресот, но одлуката за добивање датум за почнување на преговори зависи од земјите- членки и продолжувањето на спроведувањето на реформите и на европските вредности“, рече евроамбасадорот Жбогар.

„Сакам да изразам надеж дека има реални шанси за време на бугарското претседавање со Европската унија, Македонија да добие датум за почнување на преговори со ЕУ“, истакна амбасадорот на Бугарија во земјава, Иван Великов Петков.

Најдобар и неповторлив момент за изнаоѓање на решение за името е токму сега, оцени премиерот Заев. Наближува Самитот во Софија, како и состанокот на Европскиот совет, и затоа барем да се обидеме да дојдеме до решение до овие датуми, иако тоа не е рок, дополни Заев.

Ирина Гелевска