Правда и одговорност за „Диво насеље“ мора да има
Правда и одговорност за настаните и загубените животи во „Диво насеље“ мора да има, велат од МВР на тригодишнината од кумановските настани, при што загинаа осуммина полицајци. Владата е подготвена и за меѓународна експертиза за случајот, изјави премиерот Заев.

Пред три години осум припадници на полицијата го изгубија животот во трагичниот настан во „Диво насеље“. Овој нечовечки и противдржавен чин не смее никогаш да се повтори- велат од МВР. Полицајците се тука да ги штитат граѓаните и уставниот поредок на државата и не смеат никогаш да бидат жртви на никакви интереси. Овие осум херои ги жртвуваа сопствените животи за да ги заштитат граѓаните. За нив треба да се вложиме и да работиме за никогаш повеќе да не се повтори, се вели во писменото соопштение на Министерството за внатрешни работи.
Посочуваат, едно општество за сите е гарант на мирот и на соживотот. Граѓаните ќе ја паметат храброста на осумте македонски синови, а институциите ќе ја осигураат правдата како должност кон нивните семејства и кон населението. Мора да се соочат со одговорност оние кои стојат зад овој настан, стои во дописот од МВР.
Премиерот Заев посочи дека се очекува меѓународна експертиза по правосилноста на пресудата.
„Уште кога објавивме дека Владата е подготвена за меѓународна експертиза за овој случај, утврдивме дека согласно позитивните прописи, дека таа не може да биде уфрлена середе судски процес. Мора процесот да заврши со правосилна пресуда, за да можат да се воведат меѓународни претставници. Верувам дека деталите може Министерството за правда да ги каже“, изјави премиерот Заев.
Советниците не добиваат сертификати за класифицирани или безбедносни информации, тврди премиерот Заев. Го повтори ставот дека Џезаир Шаќири, познат како Командат Хоџа- во минатото се покажало дека ја знае состојбата на целиот терен на северната граница на Македонија и верува оти може да помогне.
Ангажманот му е една година, и за тој период ќе се види дали ќе даде резултати или не, рече Заев. Според него преку концептот „Едно општество за сите“, како премиер можам да придонесам во намалување на тензијата во ова општество.
Наташа Гркова- Петрушевска
