Русија

Москва: Парада по повод 73 години од победата над фашизмот

09.05.2018 13:17

На Црвениот плоштад во Москва парада за Денот на победата над фашизмот. Рускиот претседател Путин во говорот со критики кон САД дека сакаат да доминираат со светот. Потенцира дека Москва е отворена за дијалог за сите прашања кои се закана за глобалната безбедност.

Со воена парада на Црвениот плоштад во Москва, Русија ја одбележа 73-годишнината од победата над фашизмот. Рускиот претседател Путин го честиташе 9-ти мај и потсети на триумфалната победа во Втората Светска војна. Рече дека тоа е свет празник за целата земја. Сепак упати остри критики кон САД дека сакаат да се наметнат како главен играч на светската сцена. Рускиот претседател потенцира дека Москва е подготвена на дијалог за сите отворени прашања.

„Пред 73 години заврши големата татковинска војна, нацизмот е скршен, уништени се плановите за светска доминација. Нашиот војник ја заштити честа на својата земја. Сега се обидуваат тоа да го прецртаат, да ја ревидираат историјата. Ние тоа никогаш нема да го дозволиме. Секогаш ќе се гордееме што советскиот народ не се откажа. Нашиот народ се бореше за живот и смрт. Со ништо не може да се измери храброста на нашите војници, рече претседателот Путин.

Рускиот претседателот Путин на парадата беше во друштво на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и на српскиот Александар Вучиќ.

Воздушниот дел од парадата го отворија воените хеликоптери. На парадата на која учествуваа околу 13.000 војници за првпат беше претставен новиот роботски тенк „Уран 9“ вооружен со противтенковски ракети, топови и митралези, како и теренски пешадиски баги. 

Публиката на Црвениот плоштад имаше можност да ги види оклопните возила „Тигар“, „Патрола“ и „Урал“. На Црвниот плоштад продефилираа полкот на копнената војска и на воздушните сили. Први на дефилето единицата за противвозушна одбрана од воената академија „Маршал Василевски“.

На воената парада учествуваше и рускиот министер за одбрана, генерал Сергеј Шојгу, а со парадата командуваше генерал- полковникот Олег Саљуков.

И на далечниот исток од Руската Федерација свечена воена парада со најновите воени возила. На парадата во Владивосток учествуваа 1.500 војници.

 

Марина Ристова