Тајани: Соработката во ЕУ да биде базирана на солидарност

09.05.2018 15:39

„Соработката во Унијата да биде базирана на солидарност“- порака од претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани. Според него, ова е приказна за вистински и траен мир...

Приказната на Европа е приказна за слободата и човековите права, изјави претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, по повод денот на Европа. Тој меѓудругото, истакна и дека сака да ја донесе Европа поблизу до граѓаните и дека соработката во рамките на Унијата треба да биде базирана на солидарност.

„Ова е приказна за вистински и траен мир, за идентитет заоснован на слободата и достоинството на поединецот, за демократиите во кои е вкоренето владеењето на правото и за симнувањето на ѕидовите и бариерите во движењето на луѓето, добрата и капиталот“, изјави Тајани.

Европската Унија е соочена со економски гиганти и големи моќници и затоа и таа мора да биде гигант, истакна високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини. По повод денот на Европа, таа порача дека само преку обединување може да бидат постигнати резултати.

Денот на Европа се одбележува секоја година на 9- ти мај, денот кога тогашниот министер за надворешни работи на Франција, Роберт Шуман во својот говор ја презентирал идеата за нова политичка соработка во Европа која што исклучува секаква можност за војна меѓу народите.

Марија Котовска