Соработка меѓу Владата и бизнисот за поттикнување на растот
Владата и бизнисот првпат потпишаа меморандум, се обврзаа заеднички да работат на креирање на политиките и реформите за стимулативно деловно опкружување. За фирмите најголеми проблеми се даночното оптоварување и инспекциите. Истражувањата покажале дека најголем дел од нив имаат негативен став за прогресивното оданочување...

За малите и микро фирми бизнис климата во Македонија е добра споредбено со земјите од Западен Балкан, но големите компании со негативни оценки за деловното опкружување. Бараат намалување на сивата економија и поголема ефикасност на судовите. Товар им се даночната регулатива и инспекциските служби. Истражувањето спроведено од стопанските комори покажало- се намалува казнувањето, но се зголемува бројот на опомени. Најпогодени од инспекциите, фирмите од туризмот и земјоделството.
Најголем проблем во времето на инспекциски надзор сè уште е инсистирањето да се најдат нерегуларности само за да се казни. Тоа го велат 20% од компаниите. Инспекторите се недоволно подготвени, а дури 14% сметаат дека имаат непрофесионално однесување- изјави Милаим Мемети, од Стопанската комора на северозападна Македонија.
33 насто од анкетираните негативно се изјасниле за прогресивното оданочување, 29 проценти не знаеле што би се случило ако биде воведено. 60- тина проценти од бизнисите сметаат дека со владините мерки се недоволно поддржани, само 1,6 проценти се со позитивен став.
Владата и бизнис заедницата ставија параф, се обврзаа да го интензивираат дијалогот, со јавно- приватно партнерство да ги креираат политиките за подобро деловно опкружување и раст на националната економија. Од Владата добија ветување дека ќе бидат активни слушатели на барањата на приватниот сектор.
Коморите сугерираа законите да не се носат во скратена постапка, да бидат консултирани и во процесот на нивна имплементација.
Проектот на УСАИД- „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е спроведуван од „ЕПИ центар интернационал“ во партнерство со коморите.
Сузана Фиданска- Стоевска
