Македонија повторно без пласман во евровизиското финале
Годинава ЕБУ воведе измена во приоритетот, т.е рангирањето на секоја од композициите од страна на жирито...

Со директниот пренос од првата полуфинална вечер на 8-ми мај, започна да се комплетира сликата на годинашново евровизиско финале, чијшто организатор е националниот радио дифузер на земјата домаќин на евровизискиот избор, португалскиот RTP 1, во соработка со креативно - продукцискиот тим на Европската Радио Дифузна Унија.
Македонија за жал повторно нема да се најде на евровизиската сцена во финалето, слично како и останатите 8 земји од првата полуфинална вечер ( Азербеџан, Исланд, Белгија, Белорусија, Хрватска, Грција, Ерменија и Швајцарија).
Така пресуди стручното жири во 22 земји, (19 земји колку што настапија во првата полуфинална вечер на евровизиската сцена, земјите од Големата Петорка: Шпанија и Обединетотот Кралство, како и земјата домаќин Португалија), во комбинација со телевоутингот во текот на директниот пренос, т.е евровизиската публика во земјите спомнати претходно.
Вкупно 110 афирмирани имиња од музичката индустрија, ги дадоа своите гласови според евровизискиот принцип на бодување, а истите беа искомбинирани со гласовите од телевоутингот добиени во текот на директниот пренос од полуфиналето во однос 50:50%.
Годинава ЕБУ воведе измена во приоритетот, т.е рангирањето на секоја од композициите од страна на жирито.
Старото правило предвидуваше рангирање на композициите од првото за најдобрата до последното место, за условно речено најлошата композиција, според вкусот на петчленото стручно жири. Потоа вкупниот број гласови се претвараше во евровизиските поени: 1,2,3,4,5,6,7,8,10,11, како и највисоката оценка 12 за композицијата со најголем број први места.
Процесот на гласање годинава е видоизменет со фактот што истата процедура , сега се применува пет пати, за секој член од жирито посебно, со верифицирање на гласовите со евровизиски поени, па дури потоа, збирот на вкупните поени на комплетното петчлено жири за секоја песна, се претвараат во евровизиски гласови.
Оваа промена во гласањето по „индивидуална“ пресметка на гласови од секој член на жирито, ЕБУ го „правда“ со желбата за „перцепирање и респектирање на вкусот и ставот“ на индивидуалецот во однос на групата.
Втората промена се однесува на правото на предност според кое, досега во случај на подеднаков број гласови, повисоко се рангираше композицијата којашто има повисок пласман според стручното жири, коешто правило сега е поместено во корист на телевоутингот, т.е поголемиот број гласови а со тоа и повисокото рангирање од публиката, го одредува и повисокиот пласман во конечната табела.
Во продолжение ви ја претставуваме листата со финалистите од првото полуфинале. Истите беа јавно соопштувани од страна на водителките по случаен избор, зошто вистинскиот пласман и вкупни резулатати од гласањето на секој член посебно од националните жири комисии, како и деталниот преглед на гласовите од телевоутингот, ќе бидат објавени на официјалната евровизиска страница по завршувањето на финалната вечер, во раните утрнски часови на 13-ти мај.
Покрај земјите од Големата Петоркаи и Португалија, во големото Евровизиско финале на 12-ти мај 2018-та ќе ги видиме уште и:
АЛБАНИЈА - Eugent Bushpepa - Mall
РЕПУБЛИКА ЧЕШКА - Mikolas Josef - Lie To Me
ЛИТВАНИЈА - Ieva Zasimauskaitė - When We're Old
ИЗРАЕЛ - Netta-TOY
ЕСТОНИЈА - Elina Nechayeva - La Forza
БУГАРИЈА - EQUINOX - Bones
АВСТРИЈА - Cesár Sampson - Nobody But You
ФИНСКА - Saara Aalto - Monsters
ИРСКА - Ryan O'Shaughnessy- Together
КИПАР - Eleni Foureira - Fuego
Ако евровизискиот избор некогаш претставуваше натпревар на композиција и вокални способности, па дури потоа сценски настап, во последниве децении ситуацијата сосема се промени.
Привлекувањето на вниманието на милонскиот аудиториум по секоја ценат, дополнително се наплатува од страна на организаторот, а со тоа во касата на ЕБУ, секоја година се инкасираат вртоглави милионски суми, коишто само ја диктираат уште поголемата и поскапа услуга за следниот евровизиски избор.
Дополнителни барања околу светлото т.е светлосно-сценските ефекти, барањата да поставите дополнителен сценски елемент на сцената, анимации, ветер и „магла“ сетоа тоа скапо ви се наплатува. Од друга страна, сите технички можности коишто ги нуди сцената, никогаш до крај и официјално не се откриваат, поради можноста за приватните ангажирања на личности од непосредниот продукциски тим, од страна на одредени национални делегации, чиишто „хонорари“ остануваат строго доверлива тајна.
Голем број на различни сценски помагала и реквизити (Белгија, Бугарија, Чешка), пиротехнички ефекти ( Кипар, Белгија) подвижни платфоми (Австрија, Бугарија), сценски тоалети кои служат и ако платна за проекција(Естонија), вештачки снегови и клупи( Ирска), ѕидови со играчки (Израел), холографски проектори(Литванија), но и исклучителни вокални способности како Албанецот Еугент Бушпепа, или Естонката Елина Нечајева и Израелката, Нета, видовме во првата полфинална вечер.
Денес на ред е втората генерална проба за земјите учеснички во втората полуфинална евровизиска вечер, на којашто преку индиректен телевизиски пренос со почеток во 21 часот по македонско време, ќе гласа стручното жири во 18 земји, чиишто представници ќе видиме на сцената, како и стручното жири во трите земји од Големата Петорка: Франција, Германија и Италија. Принципот на гласање на стручното жири е ист.
Гласовите на жирито искомбинирани со гласовите добиени од телевоутингот утревечер, повторно ќе ги одредат 10 финалисти за големото финале на Изборот за песна на Евровизија,Лисабон 2018.
Во втората полуфинална вечер на ESC 2018 настапуваат:
01 НОРВЕШКА: Alexander Rybak - That's How You Write A Song
02 РОМАНИЈА: The Humans- Goodbye
03 СРБИЈА : Sanja Ilić & Balkanika -Nova Deca
04 САН МАРИНО: Jessika& Jenifer Brening- Who We Are
05 ДАНСКА: Rasmussen-Higher Ground
06 РУСИЈА: Julia Samoylova - I Won't Break
07 МОЛДАВИЈА: DoReDos - My Lucky Day
08 ХОЛАНДИЈА: Waylon - Outlaw In 'Em
09 АВСТРАЛИЈА: Jessica Mauboy - We Got Love
10 ГРУЗИЈА: Ethno-Jazz Band Iriao - For You
11 ПОЛСКА: Gromee feat. Lukas Meijer - Light Me Up
12 МАЛТА : Christabelle - Taboo
13 УНГАРИЈА : AWS - Viszlát Nyár
14 ЛЕТОНИЈА: Laura Rizzotto-Funny Girl
15 ШВЕДСКА : Benjamin Ingrosso -Dance You Off
16 ЦРНА ГОРА: Vanja Radovanović - Inje
17 СЛОВЕНИЈА: Lea Sirk - Hvala, ne!
18 УКРАИНА: MELOVIN- Under The Ladder
За едни од поголемите фаворити во второто евровизиско полуфинале, важат: Норвешка, Австралија, Данска, Холандија, Украина и Шведска.
Директниот пренос од втората полуфинална вечер започнува во 21:00 часот по македонско време.
Каролина Петковска, специјален известувач од Лисабон за МРТ
