Рот: Решение за името или статус- кво
Или ќе го решите повеќедеценискиот спор со Грција годинава, или ќе влезете во статус- кво, порача пред медиумите германскиот министер за Европа, Рот. Убедени сме во сегашната евроатлантска перспектива на Македонија, рече премиерот Заев. На денешната прес- конференција во Владата, германскиот министер укажа, СЈО треба да стане дел од Обвинителството на Република Македонија...

Климата во земјата е значително променета, но неопходно е да продолжат реформите потребни за евроатлантското приближување и Македонија да остане на вистинскиот пат, порача германскиот министер за европски прашања Михаел Рот. Истакна дека владеење на правото е суштинско, тоа е задача на Владата, но и на сите во земјата, вклучително и опозицијата.
Рот смета дека сега е времето за конечно решение за спорот со името. Има волја на двете страни и може да се дојде до заеднички прифатлив компромис- рече германскиот министер нагласувајќи дека не треба да се поставуваат црвени линии, а неопходно е да има и дијалог меѓу власта и опозицијата.
„Многу е направено, но има краток период на шанса за решавање на овој проблем. Оваа година треба да се реши прашањето со името, инаку статус- квото ќе потрае со години. Особено е важно двете страни да не избрзуваат со цртање на црвени линии. Треба да се воспостави политички дијалог меѓу Владата и опозицијата исто така“, нагласи Рот.
Македонија во изминатата година направи квантен скок од заробена држава во функционална демократија во која се гради концептот „едно општество за сите“- рече премиерот Заев. Остануваме максимално посветени на реформите, добрососедските односи и регионалната соработка. Целта ни е почеток на преговрите со ЕУ и покана за НАТО во 2018 година.
„Нас особено ни е значајно сознанието до кое стигнаа лидерите на ЕУ, дека доколку биде доведена во прашање иднината на членството во ЕУ и во НАТО, тоа ќе ја доведе во прашање и безбедноста на регионот и на ЕУ. Ние остануваме убедени дека лидерите на ЕУ го препознаваат моментумот дека времето на Република Македонија да и биде дадена европската перспектива е сега“, истакна премиерот Заев.
Германскиот министер Рот со директна порака дека истрагите на СЈО треба да продолжат, а бидејќи за продолжување на мандатот потребно е двотретинско мнозинство, СЈО да се интегрира во редовните судски инстанци, побара германсскиот министер за европски прашања.
Миле Ристески
