Расте бројот на претставки за дискриминација

10.05.2018 12:25

Во минатата година институцијата којашто постапува за решавање на овие спорови утрврдила 19 случаи на дискриминација. Најмногу по основ на пол и род, етничка или политичка припадност. Оваа година најмногу поплаки имало од бремени жени на кои им бил раскинуван договорот на вработување...

Се бара жена на возраст од 30 до 45 години за работа во кујна. Ова е огласот што го објавил еден скопски хотел, што наместо работник, добил претставка за дискриминација. Иако расте совесноста кај граѓаните за препознавање и пријавување на различниот и неповолен третман, има работодавачи кои објавуваат вакви огласи. Нивно право е да решат кого ќе вработат, велат надлежните, но мора да се внимава при објавувањето на огласите.

Лани до Комисијата пристигнале 59 жалби. Најмногу по основ на пол и род, етничка или политичка припадност, здравствена состојба. Комисијата ги решила сите заостанати претставки, донела 84 мислења и утврдила 19 случаи на дискриминација. Најмногу односно 41 насто од прекршувањата се направени во сферата на работните односи.

Годинава до Комисијата се пристигнати нови петнаесетина претставки. Најмногу биле адресирани од граѓани и невладини организации, а најмалку се жалеле компаниите.

 

Анита Димитријевска