ЦИА

Хаспел тврди дека ќе се укине програмата за сурови методи на испрашување

10.05.2018 13:05

Хаспел, најверојатно новата директорка на ЦИА, пред Сенатот се откажа од метод на испрашување давење со вода, што според американските медиуми го применувала во тајниот затвор на агенцијата на Тајланд, 2002-ра година. Наспроти ставот на Хаспел, за американскиот претседател Трамп нема ограничувања во борбата против терористите...

Кандидатката за челната позиција на ЦИА, Џина Хаспел тврди дека ќе се укине програмата за сурови методи на испрашување. На сослушувањето пред Комисијата за разузнавање на Сенатот Хаспел потенцираше дека се веќе научени лекциите и исходот од казнените методи за осомничените злосторници. Хаспел вети дека нема да изврши каква и да е задача од претседателот за која ќе смета дека е „неморална“, дури и ако е легитимна. За разлика од неа, Трамп во предизборната кампања зборуваше за преземање поцврст приод во борбата против екстремистите. Покрај методот на симулирано давење, попознат како вотербординг, тој најави уште потешки форми на испрашување.

„Поддржувам повисок морален стандард, кој нашата земја реши да го следи. Никогаш нема да ја вратам ЦИА на програмата за испрашување. Важно е да се потсетиме на контекстот на овие тешки времиња, веднаш по 11 септември. Откако сум служела во тоа бурно време, можам да се обврзам пред вас, јасно и без резерви, дека под мое раководство ЦИА нема да продолжи со програмата за задржување и сослушување“, изјави Џина Хаспел, в.д. директор на ЦИА.

Иако има над тридецениско искуство во разузнавањето на САД, нејзината номинација не ја поддржуваат многумина поради контроверзниот таен затвор на ЦИА на Тајланд каде што се користеле методите на давење со вода во 2002-ра година. Една од жртвите на суровата техника бил и самопрогласениот „мозок“ за нападите на 11-ти септември, Пакистанецот Калид Мохамед, уапсен во 2003 година. Во документите од ЦИА е потврдено дека бил изложен 183 пати на ова мачење.

Претходниот американски претседател Барак Обама ги затвори сите т.н. „црни локации“ каде што ЦИА вршела испрашувања со вакви техники.

Маја Филдишев