Собрание на РМ

Продолжува комисиската дебата за амандманите на Законот за медиуми

10.05.2018 14:35

Законските измени во медиумската област треба да донесат поквалитетно и пообјективно информирање. Продолжува комисиската дебата по амандманите за Законите за аудиовизуелни медиумски услуги и за МРТ.

На расправата се разгледуваше амандманот на ВМРО- ДПМНЕ со кој се бара бришење на одредбата за организирање на јавна расправа при изборот на членовите на Советот на Агенцијата, како регулаторно тело задолжено за медиумите и на Програмскиот совет на Јавниот радиодифузен сервис.

Министерот Манчевски го одби амандманот, бидејќи според него јавната расправа е демократска придобивка преземена од западните демократии. Според него, ова е само обид на опозицијата да го блокира носењето на овие законски измени.

Според опозицијата, амандманите квалитативно ја подобруваат законската регулатива за медиумите. Сепак, намерата на власта е менување на составот на Регулаторното тело и на Програмскиот совет, а не спроведување суштински реформи.

По амандманската расправа, законските измени ќе бидат гласани со просто мнозинство на пленарка во Законодавниот дом.

 

Игор Панов