Лани над 90 деца- жртви на семејно насилство
Проблемот со насилството врз децата е глобален, но поголеми се предизвиците во земјите од Западен Балкан. Според податоците на УНИЦЕФ, едно од три деца физички се малтретира. Поразителни се и статистиките на МВР. Лани се регистрирани 976 жртви на семејно насилство, од кои 90 биле деца...

Секое трето дете во земјите од Западен Балкан се воспитува со шлаканица и физички воспитни мерки, во Македонија секое второ, покажуваат податоците на УНИЦЕФ. Поразителни се и статистиките на МВР. Само лани регистрирани биле 976 жртви на семејно насилство, од кои 90 биле деца, рече министерот Спасовски на презентацијата на студијата за механизми за заштита на децата. Според надлежните за борба против ова зло, е неопходен сеопфатен системски и ресорски пристап.
Од ресорите образование и социјална политика ги презентираа проектите кои треба да го препознаат и спречат насилството. Министерката за труд Царовска најави трансформација на институциите каде што престојуваат децата. За министерката за образование, Дескоска е неприфатливо насилството во училиштата. Рече дека е во подготовка прирачник за превенција и интервенција што треба да ја олесни улогата на училиштето во постапките за препознавање и пријавување злоупотреби.
Извештајот на УНИЦЕФ покажува дека состојбата е алармантна и дека има потреба од координација меѓу сите засегнати страни, велат од делегацијата на Европската унија.
Здравствените работници се први што се соочуваат со жртвите. Често немаат капацитет да ги препознаат ниту пак, имаат поддршка- рече министерот за здравство, Филипче. Најави дека докторите ќе добијат поддршка од психолози за да се препознаат жртвите од семејното насилство.
Викторија Милевска
