Ќе се намалува смртноста на новороденчињата и мајките
Пет милиони денари за спроведување на мерки со кои се очекува да се намали смртноста на новороденчињата и мајките. Ова го предвидува договорот кој денеска го потпишаа министерот за здравство и Обединетите нации. Ќе се обучува стручен кадар, ќе се применуваат стандарди според Светската здравствена организација...

Поради недостог на кадар некои родилишта воопшто не функционираат, во други нема опрема- ова е состојбата во болници за гинекологоија низ државата. Најголем број од породувањата се извршуваат во двете болници во Скопје. Експерти од Фондот за население на Обединетите нации направиле проценка на состојбата, резултатите ќе ги креираат здравствените политики за намалување на смртноста на мајките и новороденчињата.
„Втората мерка која што веќе се спроведе е обука на тренери. Се идентификуваа околу 30-тина доктори и гинеколози, неонатолози со чија што помош понатаму ќе ги спроведеме тренинзите низ другите родилишта во нашата земја. Постојат родилишта кои практично не функционираат затоа што нема гинеколози, колегите заминале да работат во матичните амбуланти“, рече министерот Филипче.
Обуки на лекари, примена на практики според стандардите на Светската здравствена организација за грижа на мајки и новороденчиња, имплементирање на стандарди за гинекологија и акушерство во одредени болници. Ова се мерките предвидени во договорот потпишан меѓу ресорното министерство и Фондот за население на Обединетите нации.
„На овој начин се дава еден вид подлога за проценка на потребите од опрема каде што се потребни дполнителни инвестиции и дополнителна обука, но во овој стадиум се надевам дека дури и со овие минимални мерки во поглед на трошоци ќе имаме значително намалување на смртноста како кај мајките така и кај децата“, рече Диона Болога, директор на Фондот за население на Обединетите нации.
Во договорот се предвидени пет милиони денари за спроведување на овие мерки. Половина од парите ќе ги обезбеди Владата.
Андријана Атанасовска
