Поевтинуваат свинските месни производи за околу 30 денари за килограм
Производителите на свинско месо нема да бидат загрозени, оценуваат претставниците на месната индустрија во земјава.

Владината одлука за либерализацијата на увоз на свинско месо ќе предизвика намалување на цените на месните производи за 30 денари по килограм. Производителите на свинско месо нема да бидат загрозени, оценуваат претставниците на месната индустрија во земјава.
Првпат по толку години добиваме одлука која нѐ спасува од тотален колапс. Капацитетите работат со 20 до 30 отсто, а воедно сме и дискриминирани во однос на странските увозници. Со новата мерка на Владата се покажа дека некој во оваа држава мисли и на индустријата на преработувачи на месо, изјави Слободан Кутревски од „Пекабеско“ по денешната седница на Групацијата за производство на месо и преработки од месо во Стопанската комора на Македонија.
Одлуката не значи обезбедување субвенции или стимулации за месната индустрија, туку само изедначување на условите за домашните компании и увозниците.
Влатко Ѓорѓиевски од „МИК- Свети Николе“ напомена дека со ваквата одлука на Владата ќе се зголеми конкурентноста на домашната месна индустрија и таа ќе си го најде своето место на домашниот пазар.
