Војводинска шок терапија за Вардар
Македонскиот шампион во вистински момент доби потврда на непишаното правило, загуби во Кале од Војводина со 25-23, за опомена...

Фаворитите не победуваат секогаш. Македонскиот шампион во вистински момент доби потврда на непишаното правило, загуби во Кале од Војводина со 25-23, за опомена , непроценливо искуство и консолидација пред решавачките натпревари за пласман на турнирот на најдобрите 4 во СЕХА регионалното натпреварување и уште повеќе пред осминафиналниот предизвик во лигата на шампионите.
Поразот покрај тоа што е разочарувачки сепак не влијае многу на шансите на Вардар во Сеха откако Загреб вечерва одигра за црвено-црните , го совлада Брест Мешков со 26-20 и го одржа македонскиот шампион на третото место на табелата.
Само 15 минути Вардар го контролираше резултатот, водеше со 8-7, дозволи серија на Војводина од 4-0 и безмалку до крај бркаше негатива. И не само тоа. Со неубедливата одбрана и несигурниот напад со многу технички грешки, прво го разбрани противничкиот голман Коциќ кој нанижа 18 интервенции, но и ја подигна самодовербата на играчите на надворешната линија на Војводина кои заедно постигнаа 17 голови, Елезовиќ и Станковиќ по 6 , а Тодоровиќ 5. Израмнувањето на 10 минути до крајот 20-20 ги врати надежите за момент, но беше доцна. Српскиот шампион ја почувствува можноста да го совлада тимот за кој до пред натпреварот зборуваа со суперлативи и не ја пропушти шансата. Ја заслужија победата. Излитена фраза е дека повеќе ја посакуваа, но се покажа токму така. Впрочем и зошто би се играл натпревар ако не се посакува победа?
