Димитров денеска на средба со Коѕијас, утре трилатерална средба со Нимиц
На маргините на конференцијата за иднината на Европа што се одржува во Суние, се очекува министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров да оствари и средба со грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас. Утре продолжуваат разговорите за името со посредство на Нимиц...

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров учествува на состанокот на проширениот состав на Вишеградската група што се одржува во местото Сунио, крај Атина.
Министрите за надворешни работи на балканските земји- членки на ЕУ, на државите кандидати за членство, како и земјите од Вишеградската четворка, на заедничка маса разговараат за иднината на Европа.
На почетокот на конференцијата, како што пренесе МИА, шефот на грчката дипломатија и домаќин на средбата, Никос Коѕијас говорел за иднината на Европа и кои се прашањата за кои треба да се најде одговор во однос на тоа каква Европска унија посакуваат земјите- членки.
Шефот на грчката дипломатија ги споменал проширувањето, бегалскиот и мигрантскиот проблем, одбранбениот систем на ЕУ, зајакнувањето на Унијата како дел од темите за кои треба да се разговара.
На маргините на конференција, меѓудругото, се очекува министерот за надворешни работи на Македонија, Димитров да оствари и средба со грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас.
За утре е закажана трилатералната средба на посредникот за надминување на разликата за името, Метју Нимиц со министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција.
На конференцијата за иднината на Европа во Сунио, освен Македонија и домаќинот Грција, учествуваат и министри од Словачка, Унгарија, Црна гора, Босна и Херцеговина, Полска, Романија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Чешка и Косово.
