Евроинтеграции

Димитров: „Иднина“ и „Европа“ за нас се два збора синоними

11.05.2018 14:56

„Иднината“ и „Европа“ се два синоними за земјите кои се кандидирале за членство во Унијата. Ова го изјави шефот на македонската дипломатија Димитров на состанокот на Вишеградската група чиј домаќин е министерот за надворешни на Грција, Коѕијас. Димитров утре има средба грчкиот колега, на која ќе присуствува и посредникот Нимиц.

За земјите кандидати од Западниот Балкан иднината е во Европа. Бугарското претседателство го врати вниманието кон регионот и имаме можност да успееме за добивање членство во ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Никола Димитров во обраќањето на вториот состанок на Вишеградската група и земјите кандидати од Западниот Балкан во близина на Атина.

„Верувам во историска година поради бугарското претседателство и различните елементи што повторно го вратија вниманието на Европа кон регионот и дека имаме можност да успееме, но и опасност да паднеме. На сите им е јасно дека членството нема да се случи преку ноќ, туку дека се потребни години. Треба да инвестираме во политичка енергија и капитал во процесот што на некој начин ќе ја комплетира Европа“, нагласи Димитров.

На маргините на овој состанок Димитров и Коѕијас ќе ги продолжат разговорите за разликата за името, што е  услов Македонија во јуни на Европскиот совет да добие датум за почнување преговори. Шефот на грчката дипломатија Коѕијас во обраќањето на отворањето на состанокот инсистираше дека проширувањето на ЕУ мора да биде во рамнотежа со реформите на европските институции по Брегзит.

„Секое проширување на ЕУ треба да биде разгледано пред да се обврземе за прием на нови членки што ќе ја изменат географската архитектура на Европа. Особено треба да внимаваме на составот на Европската комисија што во иднина ќе има над 35 земји членки. Дали сите тие ќе имаат комесари или ќе воведеме ротација, или некои ќе имаат постојано место. Проширувањето на ЕУ треба да почне од најблиското соседство, од држави како Швајцарија, Норвешка, Андора, Сан Марино, Лихтенштајн и Монако. Како второ и поважно прашање се временската рамка и можните групи за проширување со земјите од Западен Балкан. Третото прашање се однесува на исходот од кандидатурата на Турција и дали ќе биде претворена во специјални односи со земјата“, рече шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.

Димитров и Коѕијас утре во Атина ќе имаат нова рунда разговори за разликата за името со медијаторот Метју Нимиц.

 

Ирина Гелевска