Специјализантите бараат еднаков третман и дефинран работен статус
Новата генерација приватни специјализанти во јуни ќе ја добијат мајската плата. Побараа ист третман се до донесување на долгорочно решение за нив. Министерот Филипче, вети дека нема повеќе да работат без пари. Инаку, земјава има потреба од 380 лекари во внатрешноста и за околу 150 во Скопје...

Дефиниран работен статус и еднаков третман за сите- побара новата генерација приватни специјализанти. Од земањето специјализантска плата се изоставени 100-тина доктори. На средбата со минстерот Филипче, на дел од нив им било понудено да земаат месечен надоместок од 26 илјади денари, а на дел да бидат вработени во местото на живеење. Но, тие не веруваат дека проблемот ќе биде решен со вработување.
„Според досега изнесеното не можеа да се издвојат ниту 26.000 денари надоместок без придонеси, преку договор за дело за 97 доктори, а се нуди решение за вработување на истите тие приватни специјализанти кои имаат бруто плата многу поголема плата од 26.000 денари. Пари кои претставуваат дополнителен трошок за буџетот на државата во овој момент, иако се тврди дека пари во тој буџет нема“, изјави Марко Костовски, специјализант.
„Секој ден поминат во еден ваков недифиниран статус претставува една дополнителна фрустрација. Плата мора да има за сите приватни специјализанти и тоа во исто време, затоа што иако ние сме помлади, сепак и ние вршиме работа во нашите клиники“, вели Елемедина Асани, специјализант.
Министерот Филипче им вети дека во јуни ќе ја добијат мајската плата.
„Нема да биде работата на специјализантите повеќе без пари, ќе бидете платени како сите ваши колеги. Вие сте најкреативниот дел од нашето општество, вие мора да останете во оваа земја. Вие сте иднината и на нашето здравство и на нашата медицина“, рече министерот Филипче.
Министерот вели дека се изготвува и план за вработување според потребите на клиниките низ државата. Додаде дека има дефицит на речиси 380 лекари во внатрешноста и 150 во Скопје. Поради тоа, не треба да се дозволи лекарите да заминат од земјава. Најави измени во Законот за специјализација.
Андријана Атанасовска
