Формирање на регионален пазар за пониска цена на електричната енергија
Единствениот пазар на електрична енергија во регионот преку транспарентност и конкуренција ќе придонесе за намалување на електричната енергија. Таа цел не ќе може да се реализира и без инвестиции во електроенергетските и преносните системи, како и со поголема соработка на државите од Југоисточна Европа.

Формирањето на единствен пазар на електрична енергија на земјите од Југоисточна Европа, кој ќе биде интегриран во пан- европскиот, ќе придонесе за намалување на цената на електрична енергија, која во моментов е повисока отколку во високоразвиените западноевропски земји. Форумот во Охрид е првиот чекор кон остварување на таа цел, која ја зацртаа девет земји од регионот.
„Единствениот пазар на електрична енергија е најдобар начин за зголемување на транспарентноста и конкурентноста меѓу сите учесници на пазарот, производители, снабдувачи, трговци, затоа што за сите учесници важат истите услови, односно правила. Конкурентноста создава простор за технолошки иновации и нови вложувања кај сите учесници“, изјави премиерот Зоран Заев.
„Регионалниот единствен пазар на електрична енергија е важен заради тоа што тоа ќе овозможи да имаме пред се конкурентност на пазарот, да имаме либерализиран пазар не само во Р. Македонија, туку во целиот регион, а крајната цел на сега таа работа е да се намалат цените на електричната енергија во регионот и тие да ги достигнат цените кои што се во Европа“, смета вицепремиерот Кочо Анѓушев.
За да профункционира единствениот пазар на електрична енергија се потребни не само уривање на административните бариери, туку и инвестиции во електроенергетските и преносните системи.
„Формирањето на пазарот на електрична енергија во крајна линија има цел ма дефинитивно пониска цена за крајните потрошувачи, за граѓаните на Р. Македонија. Всушност интенцијата на владата е токму во таа насока, а исто така ние како земја што се стреми кон ЕУ мора да се придржуваме до препораките на ЕУ“, вели Сашо Василески, генерален директор на МЕПСО.
„Ние делиме исти цели, наша стратешка определба е регионално ширење, регионални здружувања, обединување на пазарот на електрична енергија“, изјави Јелена Матејиќ, ЕМС- Србија.
Претставниците на преносните системски- оператори кои се задолжени за стабилност и сигурност во управувањето со националните електропреносни системи во Охрид разговараат за унапредување на меѓусебната соработка, што подразбира и заедничко работење за да се спроведат европските регулативи.
Сашо Нелоски
