Истрагата ќе утврди како дошло до пожарот во „Макстил“
Смог и чад во неколку скопски населби поради пожарот кој избувна во фабриката „Макстил“. Се запалило старо железо. Се утврдуваат причините. Има сомнеж дека станува збор за човечки фактор...

500 кубни метри отпадно железо, помешано со пластика и друг материјал се запали во производниот погон Челичарница во скопски „Макстил“. Со огнот пробале да се справат вработените во фабриката. Кога не успеале, ги побарале интервентните противпожарни екипи. Деветте возила на противпожарната бригада не биле доволни за да се смири огнот. Интервенирале и цистерните на Комунална хигиена, на рафинеријата ОКТА и на скопски Водовод. Од противпожарната екипа велат дека најверојатно огнот е предизвикан од човечки фактор.
Од компанијата „Макстил“ соопштија дека нема причинета материјална штета, а погонот не работел од 29-ти април. Во огнената стихија за среќа нема повредени. Како дошло до пожарот треба да утврди истрагата.
Од инспекторатот за животна средина велат дека пожарот предизвикал и големо аеро загадување, а на истото се пожалија и жители од околните населби.
Мерната станица за квалитет на воздухот кај ПМФ покажува дека концентрациите на ПМ10 честичките во воздухот во три часот наутро биле 228 микрограми на метар кубен или повеќе четири пати над граничната вредност.
Реагираа и од невладината „Еко свест“. Побараа заострување на законската регулатива и почести инспекции во фабриките со цел да се спречат хаварии од ваков вид.
Анита Димитријевска
