Израел

Отворена амбасадата на САД во Ерусалим

14.05.2018 13:14

Денеска во Ерусалим се отвора амбасадата на САД, со што се реализира одлуката на претседателот Трамп. Палестинците протестираат, Израелците слават, а Иран предупреди од разгорување на тензиите. Набљудувачите очекуваат натамошна ескалација на Еврејско- арапските односи.

Американската амбасада во Израел од денеска има седиште во Ерусалим, со тоа се реализира одлуката на американскиот претседател Трамп, која, пак, наиде на осуда. На церемонијата по повод отворањето во Ерусалим пристигнаа ќерката на претседателот Иванка Трамп и нејзиниот сопруг, како и високи претставници во Белата Куќа.

Медиумите потсетуваат дека ваквата одлука на Трамп ги налути Палестинците, а самата објава на планот се совпадна со прославата на 70-годишнината од државноста на Израел.

Изреалскиот премиер Нетанјаху ги повика и другите земји да го следат американскиот пример, бидејќи, како што рече, тоа е вистинската работа која ќе придонесе за стабилноста и мирот во регионот. Мислењето не го делат и Палестинците.

Не се работи за самото преместување на амбасадата, проблемот е поврзан со статусот на Ерусалим. Тие ја прекршија статус кво позицијата на Ерусалим, која беше гарантирана со резолуциите на Советот за безбедност и ги прекршија обврските што ги дадоа САД кога влеговме во договорот во Осло, во мировниот договор“, вели д-р Набил Шаат, советник на палестинскиот претседател Абас.

Израелските граѓани ја поздравија одлуката.

Мислам дека ова е прекрасно што ја премесија амбасадата. Мислам дека беше крајно време. Не смееме повеќе да им дозволуваме на нашите непријатели, терористите да одлучуваат каде да градиме“, изјави Џо Грешман, израелски жител на Ерусалим.

Палестинските граѓани пак, сметаат дека потегот е опасен и за Палестинците и за Израелците.

Ова е големо предавство од страна на САД. Отсекогаш се знаело дека САД и Британија прават заговори против Палестина и Палестинците. Сега арапските земји им се придружуваат, а останатите само не гледаат како страдаме“, вели Адел Халакпалестински жител на Ерусалим.

Статусот на Ерусалим е едно од најжешките прашања во долготрајните мировни напори на Блискиот Исток. Во декември лани претседателот Трамп го призна Ерусалим како главен град на Израел, потег што предизвика нов бран насилство во регионот.

Израел го зазеде источен Ерусалим од Јордан во војната во 1967-ма година.

 

Марина Ристова