Заев: Стојам на располагање за лидерска средба
„Стојам на располагање за лидерска средба“- премиерот Заев за повикот на ВМРО-ДПМНЕ да се соопштат информации за разговорите со Грција. Претседателот Иванов чека извештај од Министерството за надворешни за последниот состанок меѓу Димитров, Коѕијас и Нимиц...

Премиерот Заев е на располагање за лидерска средба. Тој е подготвен и за тет-а-тет состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на која ќе го информира за текот на разговорите со Грција.
„Тие побараа лидерска средба, а како ќе одлучат јас им стојам на располагање, да ги информирам пред да одиме на средбата во Софија, а, секако, подготвен сум и по самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија да ја свикам лидерската средба, кога на неа би биле сите присутни. Но, повикот е на шефот на опозицијата, а јас стојам на располагање во координација со него, така и да ја организираме средбата“, нагласи премиерот Заев.
Претседателот Иванов не е информиран за исходот од последната средба на министрите Димитров и Коѕијас, информираат од неговиот Кабинет. Шефот на државата од МНР бара информации за текот и за исходот од последната рунда разговори. Како што стои во дописот, Иванов смета дека е неопходно да биде информирана и македонската јавност за текот на разговорите во процесот за надминување на разликата за името.
ВМРО-ДПМНЕ бара лидерска средба веднаш. Од опозициската партија тврдат дека немаат никави информации околу текот на разговорите за името. Имаме дипломатија која се движи по линија на егзибиционизам, сметаат во ВМРО- ДПМНЕ. Лидерот Мицкоски ја прекина посетата на Италија поради сериозноста на ситуацијата.
Инаку, премиерот Заев воздржан пред претстојнито состанок со Ципрас во Софија на Самитот на Европската унија. „Времето до 17-ти мај е кратко за се да се реши бидејќи суштински е делот што е останат за разговори“- вели Заев.
„Јас верувам дека пред сѐ треба да бидеме креативни и посветени и јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот совет, тоа е 25-ти, 26-ти, па 28-ми и 29-ти јуни, да се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации. Затоа што, како што реков, процесот, ако е тоа можно, да биде поддржан од сите“, рече премиерот Заев.
Состанокот ЕУ- Западен Балкан во Софија е последната подготовка пред јунскиот самит на Советот на ЕУ, од кој Македонија очекува датум за старт на пристапните преговори.
Миле Ристески
