Израел

Реакции по отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим

15.05.2018 10:27

Палестинците се подготвуваат за нови протести против Израел. Во насилствата во Газа за време на отворањето на Американската амбасада во Ерусалим, загинаа шеесетина луѓе. Кувајт побара вонредна седница во Советот за безбедност на Обединетите нации, а Вашингтон го блокираше донесувањето на службен извештај на тоа тело во кое бара независна истрага за крвопролевањето во Газа...

По најкрвавиот ден во конфликтот меѓу палестинското движење Хамас и Израел, Палестинците со нови протести и на одбележувањето на 70- годишнината на независноста на новата еврејска држава. Во судирот предизвикан од дислоцирањето на американската амбасада во Ерусалим, загинаа шеесетина луѓе. Потпретседателот на САД, Мајк Пенс ја поздрави одлуката на Доналд Трамп за новото седиште на дипломатската мисија, но и повлекувањето од иранскиот нуклеарен договор.

„Со претседателот Доналд Трамп, САД нема никогаш да ги компромитираат безбедноста и сигурноста на државата Израел. Како што и самиот изјави, договорот за Иран не донесе и никогаш нема да донесе мир. Минатонеделните ирански напади врз Израел само ја потврдија одлуката на претседателот“, изјави потпретседателот Пенс.

Турција ги обвини САД и Израел за геноцид и ги врати амбасадорите од овие земји во Анкара. Побара итен состанок на Организацијата за исламска соработка.

„Осудата не е доволна. Задолжително е сите исламски држави, Обединетите нации и Советото за безбедност да се заедно во однос на овој инцидент. Историскот и духовниот статус на Еруслаим беше гарантиран од меѓународната заедница, а сега сите гаранции се прекршени од страна на Вашингтон“, изјави Бекир Боздаг, вицепремиер на Турција.

Палејќи американски и изралески знамиња, илјадници демонстранти во Истанбул го изразија незадоволството на одлуката од Белата куќа.

„Јас сум муслиман и сум против одлуката со која Ерусалим е прогласен за израелска престолнина, а и пренесувањето на амбасадата. Палестина е отворената рана на муслиманите. Затоа со години сме на улиците да го активираме нивното прашање.“

Евреите во САД протестираа пред хотелот на Трамп во Вашингтон. Палестинската ослободителна организација повика на генерален штрајк на Западниот Брег како одговор на инцидентите. Средба за кризата во Појасот Газа најавија Арапската лига и Советот за безбедност на Обединетите нации.

Маја Филдишев