Ќе се изработи план за управување со сливот на Охридското Езеро
За заштита и управување на Охридското Езеро и неговиот слив е неопходен заеднички интегрален план Македонија и Албанија, изработен согласно европската директива за води. На денешниот состанок во Охрид беше презентиран веќе изработениот почетен извештај кој треба да ги утврди насоките кои ќе овозможат еколошка заштита и во истовреме одржлив развој на регионот...

Заеднички интегрален план помеѓу Македонија и Албанија за управување со сливот е алката која што недостига за заштита и управување со Охридското Езеро. Заедно со прекугранична сеопфатна анализа на Дримскиот басен и Стратешки акционен план тој треба да биде основата за зачувување на вредностите и креирање одржлив развој во регионот.
„Знаеме дека двете страни меѓусебно се обвинуваме за користењето на водата, но затоа ни треба еден договор и очекувам навистина тој Билатерален комитет да заживее. Да започнат со работа бидеќи покрај тоа што има еколошка компонента овој проект и Охридското Езеро нудат економска, има енергетска компонента во себе и затоа ни треба меѓусебна соработка“, изјави Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно пламирање.
„Целта е да имаме одржлив развој во регионот. Планот предвидува да има заштита на езерото и затоа проектот треба да биде камен темелник на соработка која започна пред две децении помеѓу двете држави“, вели Димитрис Фалуцис, заменик регионален директор во ГЕФ.
Со планот се очекува во иднина Охридското Езеро да не се третира како вештачко акумулационо езеро.
„Тоа ќе биде добро за Охрид, охридскиот регион, меѓутоа и за целокупниот Дримски басен затоа што ќе ја утврди потребата и приоритетите за негово менаџирање, вклучуваќи и регулација на нивото на самото езеро преку истекот, што е нашата главна визија“, изјави Деја Пановски, национален координатор на ГЕФ Дримски проект.
„Езерото не смее да се користи како вештачка акумулација. Имаме листа со која ќе се спречи таквиот однос кон езерото“, рече Масимилијано Монети, тим лидер од „Рина консалтинг“.
Изработката на планот за управување со сливот на Охридското Езеро се очекува да биде заокружена за 18 месеци.
Сашо Нелоски
