ДПА, БЕСА и Сојузот на Ромите влегуваат во Владата
Премиерот Заев објави дека се постигнати договори со ДПА, БЕСА на Африм Гаши и Сојузот на Ромите за влез во Владата. Деновиве предлозите со новите имиња ќе бидат доставени до Собранието. Не кажа кои министри на СДСМ ќе бидат сменети. „Не сакам да си играм со судбината на некои личности“, вели тој. Тачи добива министер без ресор задолжен за странски инвестиции и заменик- министер за транспорт и врски...

ДПА, крилото на БЕСА на Африм Гаши и Сојузот на Ромите влегуваат во владината коалиција- објави премиерот Зоран Заев. Тој вели дека разговори се водат и со други партии, но засега без детали кои други се најблиску до владиниот кабинет.
Партијата на Амди Бајрам ќе добие места во пониските ешалони, ДПА добива едно министерско место, Бардиљ Даути, како министер без ресор задолжен за странски инвестиции и едно заменичко, Митасин Бекири, во Министерството за транспорт и врски.
Лидерот на ДПА, Тачи вели дека од Заев добил конкретна и коректна политичка понуда.
Кога ќе се заокружи владината реконструкција со сите имиња, Заев сѐ уште не открива. Сепак очекува дека во следниве денови предлозите ќе ги достави до Собранието. Кон кртајот на мај, вели Заев, реконструираниот нов владин состав ќе ги разгледува новите кадровски решенија во пониските ешалони на власта.
Миле Ристески
