Евроинтеграции

Заев ја почнува посетата на Софија, во фокусот средбата со Ципрас

16.05.2018 10:19

Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на самитот ЕУ- Западен Балкан во Софија...

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот ЕУ- Западен Балкан што ќе се одржи во Софија на 17-ти мај.

„Демократија што испорачува: Десет години по откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ е темата на која премиерот Зоран Заев ќе говори денеска на конференција во Софија, со што ќе ја почне посетата на главниот град на Бугарија, кој утре е домаќин на премиерскиот Самит.

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти се теми на Самитот што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ.

На самитот ќе присуствуваат лидерите на државите- членки на Унијата и од регионот. Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија Жан- Клод Јункер.

Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на Самитот и која иако беше најавувана како клучна во процесот на решавање на спорот за името, сепак, последните изјави и од македонската и од грчката страна се проткаени со воздржаност, дека токму оваа средба ќе даде конечен договор за името.