Мицкоски: Голем протестен собир на 2-ри јуни пред Влада

16.05.2018 10:37

Од опозициската партија велат дека причина е незадоволството на граѓаните по цела една година владеење на СДСМ и коалицијата...

ВМРО- ДПМНЕ ги повика граѓаните на протест пред Владата на 2-ри јуни во 20 часот. Ваква одлука синоќа донел Централниот комитет. Велат, причина е незадоволството на граѓаните по цела една година владеење на СДСМ и коалицијата.

„Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе започне со организирање на еден огромен народен протест кој што ќе се случи на 2-ри Јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите оние добронамерници сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев. Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина“, изјави Мицкоски.

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Мицкоски рече дека би прифатил разговор со премиерот Заев, но не во неговиот кабинет, туку на телевизија во програма во живо.