Без одлука заврши вонредниот состанок во Советот за безбедност на ООН за Палестина и Израел
Вербална војна во Советот за безбедност на Обединетите нации по пресметката на терен во смртоносните протести во Газа по отворањето на Американската амбасада во Ерусалим. Израел и палестина во жесток дуел и заострена дипломатија. Евреите и палестинците низ светот на протести. Битката за ерусалим, кој е и новото седиште на американската амбасада, продолжува и во дипломатските кругови, а и меѓу народите на израел и палестинските територии...

Без заедничка одлука и со меѓусебни обвинувања на израелскиот и палестинскиот амбасадор мина вонредната седница на Советот за безбедност на ОН. В петок е закажан состанок на Советот за човекови права, во кој учествуваат 47 држави, за да се дискутира за влошената состојба со човековите права на окупираните палестински територии. Поради насилствата и жртвите во најновиот конфликт со Израел предизвикан од преместувањето на американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, палестинскиот претседател Махмуд Абас го отповика својот претставник во Вашингтон.
„Што ќе направат вашите земји? Ќе прифатат ли дека Советот за безбедност е парализиран и не прави ништо против масакрот на кукавичките израелски окупатори кои се кријат некаде во планините, километри од цивилите на Газа кои ги бомбардираат“, изјави Ријад Мансур, постојан набљудувач од Палестина во ООН.
„Циклусот на смртта функционира вака: првин ги стимулираат луѓето во насилство. Потоа, носат што е можно повеќе цивили, жени и деца на огнената линија за да го максимизираат бројот на жртви. Потоа го обвинуваат Израел, па им се објаснуваат на ООН. Ова е смртоносна игра на Палестинците“, рече Дени Денон, постојан претставник од Израел во ООН.
Употребата на сила од Израел беше оправдана од Ники Хејли, претставничката на САД во ОН, којашто ја префрли вината за жртвите врз движењето Хамас. Германија, Обединетото Кралство, Ирска и Белгија побараа независна истрага. Кувајт подготвува нацрт-документ за меѓународна заштита за цивилите.
По примерот на САД, и Гватемала ја премести својата амбасада во Ерусалим.
Маја Филдишев
