САД

Трамп го демантира советникот за национална безбедност

18.05.2018 11:54

Инсинуацијата на Џон Болтон создаде револт кај лидерот од Пјонгјанг којшто се закани дека ќе се откаже од јунскиот самит во Сингапур на кој треба да се соочи со Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја демантира изјавата на советникот за национална безбедност дека т.н. „либиски модел“ за денуклеаризација се применува за севернокорејското прашање. Инсинуацијата на Џон Болтон создаде револт кај лидерот од Пјонгјанг којшто се закани дека ќе се откаже од јунскиот самит во Сингапур на кој треба  да се соочи со Трамп. Во 2003 година, либискиот лидер Муамер Гадафи се согласи да се откаже од нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите. И покрај тоа, тој беше убиен од бунтовниците, со поддршка од западните земји.

„Ништо не е сменето во однос со Северна Кореја. Никој не ни кажа ништо, а ако се случи тоа, во ред. Мислам дека ќе имаме успешен состанок. Немаше договор да го задржиме Гадафи. Либискиот модел беше сосема поинаков договор. Во случајот со Ким Јонг-ун, тој би бил присутен, би бил владетел во својата земја којашто би била многу богата. Неговиот народ е неверојатно работлив. Значи, тој модел би се спровел ако не постигнеме договор. Но ако има договор, мислам дека Ким ќе биде многу среќен“, изјави Трамп.

Покрај оваа споредба, загриженост кај Ким предизвикаа и заедничките вежби на САД и Јужна Кореја поради кои ја откажа средбата со претставниците од официјален Сеул. Воените маневри ги толкува како генерална проба пред офанзива. Пентагон потенцира дека вежбите, чиишто обем сепак нема да биде намален и покрај заканата за откажување на билатерланата средба Ким- Трамп, се исклучиво од одбранбен карактер.