Трамп го демантира Болтон за Северна Кореја
Американскиот претседател Трамп и советникот за национална безбедност Болтон со различни изјави за севернокорејското прашање. Официјален Пјонгјанг го смени тонот кон Вашингтон и сеул поради заедничките вежби на нивните војски. Пентагон потенцира дека маневрите се со одбранбен карактер...

Американскиот претседател Доналд Трамп ја демантира изјавата на советникот за национална безбедност дека т.н. „либиски модел“ за денуклеаризација се применува за севернокорејското прашање. Инсинуацијата на Џон Болтон создаде револт кај лидерот од Пјонгјанг, којшто се закани дека ќе го откаже јунскиот самит во Сингапур на кој треба да се соочи со Трамп.
„Северна Кореја да ни докаже дека навистина е подготвена да се откаже од нуклеарното оружје. Се соочуваме со „либискиот модел“ од 2003-2004 година, но и претходните заложби на Пјонгјанг. Да се навратиме и на договорот за денуклеаризација од пред 25 години со кој Северна Кореја се обврза да се повлече од нуклеарното оружје и збогатувањето ураниум. Сега имаме и други прашања за дискусија како што се програмите за балиситчко, биолошко и хемиско оружје, странските заложници кои ги држат“, изјави Џон Болтон, советник за национална безбедност на САД.
Властите во Пјонгјанг тврдат дека им е потребно нуклеарното оружје за да се задржи безбедноста, потсетувајќи на примерот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи кој во 2003 година прифати денуклеаризација во замена за укинување на санкциите. Неколку години подоцна беше убиен од бунтовниците, со поддршка од западните земји. Трамп уверува – либискиот модел не е во план за Северна Кореја.
„Немаше договор да го задржиме Гадафи. Либискиот модел беше сосема поинаков договор. Во случајот со Ким Јонг-ун, тој би бил присутен, би бил владетел во својата земја којашто би била многу богата. Значи, тој модел би се спровел ако не постигнеме договор. Но ако има договор, мислам дека Ким ќе биде многу среќен“, рече претседателот Доналд Трамп.
Покрај оваа споредба, загриженост кај Ким предизвикаа и заедничките вежби на САД и Јужна Кореја поради кои ја откажа средбата со претставниците од официјален Сеул. Воените маневри ги толкува како генерална проба пред офанзива. Пентагон потенцира дека вежбите, чиишто обем сепак нема да биде намален и покрај заканата за откажување на билатерланата средба Ким-Трамп, се исклучиво од одбранбен карактер.
Маја Филдишев
