Парламентарците го почнаа дијалогот „Жан Моне“

18.05.2018 13:30

Претставници на парламентарните партии во македонското Собрание во Охрид ги почнаа разговорите во рамките на Дијалогот Жан Моне: Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон евро-атлантските интеграции за граѓаните на република Македонија и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи. Средбата е иницирана од европратениците Вајгл, Флекенштајн и Кукан.

Разговорите во рамки на процесот Жан Моне се одвиваат во контруктивна, работна атмосфера, со консензуален став на учесниците за потребата од регулирање, односно дорегулирање на односите во Законодавниот дом- истакна претседателот на Собранието Талат Џафери од Охрид, каде во тек се разговорите во рамки на процесот „Жан Моне“.

Џафери во кусата изјава за парламентарниот дијалог, што се одвива зад затворени врати, забележа дека позитивните движења во земјата резултираа разговорите наместо првично предвиденото во Париз да се одвиваат тука.

Темите на дискусија се најавените - потребата од измени и дополнувања на Деловникот и носењето на етички кодекс, со додадени прашања на она што во други форми веќе е разговарано, а тоа е поголема самостојност и независнот на Собранието. Претпладнево имавме плодна дебата по однос на Кодексот имислам дека таа е завршена по однос текстот изготвен со поддршка на ЕУ и таа очекувам да резултира со консензуално негово донесување како водилка во однос на однесувањето на пратениците во и надвор од Собранието, рече Џафери нагласувајќи го тоа прашање од особена важност за враќањето на довербата во институцијата пратеник.

Тој ја посочи подготвеноста кај сите учесници во разговорите за потребата од усвојување таков документ, изразувајќи уверување дека присуството на сите парламентарни партии ќе придонесат во изнајдување консензуални решенија во насока на поставување на работите онака како што и се очекува од Парламентот.

За самиот Кодекс на однесување во работата на Законодавниот дом тој рече дека е новина оттаму што досега Собранието немало таков документ.