Со звуците на Штраус, матурантите традиционално одиграа квадрил
На Плоштадот „Македонија“ околу 1.000 матуранти традиционално одиграа квадрил. Танцуваа врсници од Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и од Куманово...

Точно напладне матурантите ја кажаа заклетвата за ненасилство, а на Македонското Радио- Радио Скопје, се разлејаа звуците на музиката од штраусовата опера „Лилјакот“.
На Плоштадот „Македонија“ околу 1.000 матуранти традиционално одиграа квадрил. Танцуваа врсници од Струга, Охрид, Струмица, Гевгелија и од Куманово, но и од 62 града во Босна и Херцеговина, Бугарија, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Хрватска и Црна Гора. Велат, лесно и за кратко време ги совладале чекорите за танците.
Градоначалникот Шилегов на матурантите им порача ентузијазмот и енергијата кои сега ги имаат да ги задржат во текот на целиот живот и да бидат посветени кон она што ќе го работат. Само така, успехот ќе биде неминовен, рече тој.
Матурската парада почна да се одржува во 2001-ва година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007-ма година во Скопје и во Охрид.
Александра Спировска
