Софија

Заев: Заедничките проекти на земјите од регионот се резултат на суштински реформи и соработка

18.05.2018 14:42

Економската иднина на Западниот Балкан е во фокусот на Виенскиот економски форум во Софија. Во обраќањето премиерот Зоран Заев со порака- иницијативите и заедничките проекти на земјите од регионот се резултат на суштинските реформи и на соработката на државите од Западниот Балкан. Македонија и Бугарија со конкретен чекор. Потпишаа меморандум за спојување на пазарите на електрична енергија...

Иницијативите и заедничките проекти на земјите од Западен Балкан се резултат на суштински реформи и на соработката на земјите од регионот, порача премиерот Зоран Заев на Виенскиот економски форум во Софија што се организираше како дел од Самитот за Западен Балкан на ЕУ на темата „Поврзување“.

Премиерот Заев во Софија беше придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев, и од министерот за економија Крешник Бектеши. Заев и Анѓушев и бугарскиот премиер Бојко Борисов присуствуваа на потпишувањето на Меморандумот за разбирање за спојување на пазарите на електрична енергија меѓу Република Македонија и Република Бугарија, што го потпишаа министерот Бектеши и Министерката за енергетика на Бугарија, Теменушка Петкова.

Во работата на пленарната сесија на форумот, на која присуствуваа и премиерите од земјите од регионот, Заев истакна дека еден од главните приоритети на македонската Влада е да ги зајакне соседските односи, за да се зајакне капацитетот и подготвеност на регионот да ги оствари стандардите на ЕУ како заедничка цел на сите земји од Западен Балкан.

Премиерот Заев истакна дека Виенскиот економски форум, е добра прилика да се афирмираат врските меѓу економијата и бизнисот со политиката со заедничките иницијативи со што се создаваат партнерства меѓу владите и општествата на земјите од Западен Балкан за иднината на граѓаните од регионот.

„Дозволете ми да ви дадам еден пример: Со Бугарија, потпишавме Договор за пријателство, добрососедство и соработка. Без странска медијација. Сега ги жнееме резултатите: Трговијата меѓу двете земји порасна за 12 отсто. Ова е добар пример и поттикнување за подобрување на билатералните односи за другите во регионот“, рече премиерот Заев.

Тој, како што информираше владината прес служба, информираше за заедничките меѓувладини сесии (Г2Г) со Бугарија и Албанија, како и за позитивниот развој на односите со Србија и Косово.

Премиерот Заев, во тој контекст, зборуваше и за разговорите со Грција и информираше дека на последните средби се презентирани повеќе опции за можни решенија, а една од нив најавува решение кое може да биде прифатливо и за двете страни.