Одбиено барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошкоски
Горан Грујевски и Никола Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија за да им се суди за нелегално прислушување- реши атинскиот Врховен суд. Според судот, немало услови во државава да се одржи фер судење. Претходно, судот во Солун реши спротивно од денешната одлука на Врховниот суд во Атина...

Екс- разузнавачите Горан Грујевски и Никола Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија- реши атинскиот Врховен суд. Според образложението, во земјава немало услови за да се одржи фер судење.
На 27- ми април беше одржано последното сослушување зад затврени врати. Ваквата одлука е спротивна на онаа на Солунскиот суд, кој во почетокот на јануари годинава го одобри барањето од Министерството за правда за екстрадиција. Сепак, конечниот збор го има грчкиот министер за правда, кој според тамошната легислатива, со лична одлука може да го смени решението на врховниот суд и да одобри екстрадиција на Грујевски и Бошкоски.
Освен случајот за екстрадицијата, за двајцата екс вработени во УБК, во Грција се водат уште два други случаи. Првиот е за фалсификуваните пасоши со коишто беа фатени на Солунскиот аеродором. Рочиштето беше закажано за денеска во Солун, но бидејќи двајцата се наоѓаат во Атина, за судењето ќе биде закажан нов термин.
Истото се очекува и за вториот случај, односно за нивното барање за азил поднесено кон крајот на ноември, со образложение дека во Македонија не се чувствуваат безбедни и нема услови за фер судење.
По одлуката на грчкиот врховен суд, двајцата се ослободени од притвор, но остануваат во Грција. Во Македонија се обвинети за нелегално прислушување во случајот на СЈО „Тврдина“. Скопскиот Кривичен суд на последното рочиште реши одлуката дали за нив ќе биде издвоена постапката, да ја донесе на 19-ти јуни, откако ќе биде разгледано решението на Врховниот суд во Атина.
Марија Котовска
