Македонија, Србија и Црна Гора со заедничка понуда ќе привлекуваат странски туристи
Како да се задржат странските туристи подолго во регионот? Скопје, Белград и Подгорица ќе креираат заедничка понуда за претставување пред трети земји. Нови туристички производи се очекуваат како резултат на зголемената регионална соработка...

Македонија, Србија и Црна Гора ќе ја интензивираат соработката во туризмот. Целта е креирање на нови понуди и заедничко претставување на трети пазари. Според податоците оваа гранка во трите дестинации има повисок раст од предвидувањата на Светската организација, што е голем предизвик, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
„Дестинациите растеа помеѓу 15 и 20 проценти. Тоа е доволна провокација со цел повеќе да се здружуваме, да работиме и да ги делиме искуствата. Токму овој состанок претставува јасна порака дека во периодот кој доаѓа сите три дестинации ќе работат на поголема промоција на своите потенцијали“, изјави Љупчо Јаневски
Странските туристи и ноќевањата од регионот се зголемуваат, велат од Туристичката организација на Србија. Нови туристички производи се очекуваат како резултат на зголемената регионална соработка.
„И туристите од Црна Гора и од Македонија се меѓу првите десет на туристичката листа во Србија. Ние не сме конкуренција, треба да соработуваме и треба да обезбедиме тури кои странските гости ќе ги задржат подолго во регионот. Наскоро ќе излеземе со конкретни производи“, изјави Марија Лабовиќ.
Подобрувањето на имиџот и перцепцијата за регионот се клучни во привлекувањето на странските гости велат од Националната туристичка организација на Црна Гора.
„Ова е е дефинитивно регион кој располага со ресурси кои се неповторливи. Регионот поседува навистина богата природа, историја, култура и треба да се искористи тоа и да оствариме резултати“, вели Емил Кукаљ.
Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристи во март годинава во однос на март лани, е зголемен за 25 проценти, а бројот на ноќевањата за 18 насто.
Дијана Ценевска
