Заев закажа лидерска средба, ќе информира за преговорите за името
Премиерот Зоран Заев најави дека за утре свикал лидерска средба во Клубот на пратениците за да информира за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни. Вели- многу опции се разгледуваа, една од нив може да биде крај на процесот со комплетно решение кое никогаш повеќе нема да отвора проблеми меѓу две соседни држави...

Многу опции се разгледуваа, една од опциите може да биде крај на процесот, со комплетно решение кое никогаш повеќе нема да отвора вакви проблематики помеѓу две соседни држави како Република Македонија и Република Грција, изјави премиерот Зоран Заев.
Заев најави дека за утре во 13 часот свикал лидерска средба во Клубот на пратениците, за да ги информира лидерите на партиите за деталите од средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас и за можноста да се даде шанса за евентуално решение што би било прифатливо за двете страни.
Би сакал да се запази редот, да има информирање за деталите. Прво да му ги соопштам на претседателот на државата, на лидерот на опозицијата, на лидерот на најголемата албанска партија, претседателот на Собранието. Тоа е редот, за да имаме шанса да изградиме национален консензус по вака важно прашање. Веднаш по состанокот ќе дадеме изјава и сето ќе го споделиме со јавноста, рече Заев.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров веќе ги контактира сите поканети на средбата, изразувајќи уверување дека сите ќе бидат присутни на средбата, оттаму што станува збор за премногу важно прашање за да се откаже разговор на темата.
