Заев го кажа предлогот - Република Илинденска Македонија, Ципрас побара географска или временска одредница
Двајцата премиери по преговорите во Софија, вчера го информираа државниот и политичкиот врв за новиот предлог...

Република Илинденска Македонија е опцијата која била издвоена како најприфатлива на преговорите меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, што се водеа на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, а која вчера Заев и јавно ја изнесе по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците. Двајцата премиери по преговорите во Софија, вчера го информираа државниот и политичкиот врв за новиот предлог.
Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и шефот на дипломатијата Никола Димитров околу три часа разговараше со претседателот Ѓорѓе Иванов, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Ципрас, пак, имаше средба со претседателот Прокопис Павлопулос, а за новиот предлог лидерите на опозициските партии ги информираше телефонски. Но кусо, откако Заев го изнесе јавно предлогот, кабинетот на Ципрас објави соопштение во кое на индиректен начин, преку ставот дека согласно со предлозите на Нимиц треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница, го отфрли прифатениот предлог од македонска страна.
Заев по завршувањето на средбата ја информираше јавноста за предлогот за името, нагласувајќи оти тоа би било за севкупна употреба, а за внатрешна употреба измената би се спроведувала во фази. Планиран е и референдум, а Заев напомена дека со ова име Македонија ќе добие датум за преговори со ЕУ и покана за членство во НАТО.
За предлогот по средбата се произнесоа претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, додека лидерот на ДУИ Ахмети не даде изјава за медиумите.
Шефот на државата побара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот. Претседателот Иванов рече дека останува доследно да се придржува на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, а тоа е дека процесот мора да се води во рамка утврдена од ОН.
ВМРО-ДПМНЕ останува на својата позиција од претходно, а тоа е дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име, рече Мицкоски и додаде дека предлогот, што ги изнесе премиерот превидува ревизија на Уставот.
