Украина: Демонстрантите ќе предложат нова влада

26.02.2014 11:41

На Плоштадот на независноста во Украина за денеска е закажан сотанок на демонстрантите на кој народот ќе го предложи составот на новата Влада, додека украинскиот Парламент на утрешната седница треба да ги изгласа прeодната влада и преодниот премиер.

Привремениот министер за внатрешни работи Арсен Аваков наредил да се распушти специјалната единица Беркут, која беше обвинета за преголема употреба на сила при растерување на демонстрантите.  Во меѓувреме тензијата од Киев се прелева во Крим. Поддржувачите на Јанукович со транспаранети „Русијо, спаси не“, ги блокираа крстосниците и влезот на Парламентот во Крим. Претседателот Путин свикал итен состанок со претставници на безбедносните сили на највисоко ниво за да разговараат за состојбата во Украина, но не се соопштуваат детали.  Европскиот Парламент денеска ќе дебатира за состојбата во земјата.

Турција

Масовни демонстрации во Турција, по објавувањето на аферата во која бил прислушуван телефонскиот разговор на премиерот Ердоган со неговиот син поврзан со голема сума пари. Протестите биле најмасовни во Истанбул и во Измир. Неколку стотици луѓе се обиделе да влезат во седиштето на владејачката партија и се судриле со полицијата која ги растерувала со водни топови.

Венецуела

Тројца венецуелски дипломати мора да ги напуштат САД во рок од 48 часа. Официјален Вашингтон се реши на оваа мерка како реципроцитет на ставот на Каракас пред две недели да протера тројца американските дипломати. Венецуелскиот претседател Мадуро  обвини  дека Вашингтон ги поттикнува нередите во неговата земја. Обвиненијата веднаш беа отфрлени. Во Венецуела  речиси три недели траат протестите,  Владата  почна дијалог за национално единство, а демонстратите бараат одговорност за бруталноста за време на нередите.

Ерусалим

Иран е потенцијална закана не само за Израел туку и за Европа, изјави германската канцеларка Меркел на средбата со израелскиот премиер Нетанјаху во Ерусалим. Меркел порача дека ќе настојува да продолжат меѓународните разговори со Иран за нуклеарното оружје.

Ирак

Најмалку 15-мина загинаа, а 36 лица се повредени при експлозија на автомобил-бомба во северниот дел на  Багдад. Експлозијата била поставена во многу фреквентен дел од градот во близина на маркет.  Медицинските лица велат дека дел од повредените се во сериозна состојба. Се уште никој не ја презел одговорноста за нападот.

Марија Петковска