Измени на Изборниот законик, избор на гувернер на НБРМ и директор на ОТА на пленарна седница
На 46-тата седница се очекува на дневен ред да бидат ставени измените на Изборниот законик, по скратена постапка, кои се однесуваат на избор на членови на ДИК, но и изборот на нов гувернер на Народната банка...

Законодавниот дом денеска ќе ја почне 46-тата седница на која се очекува на дневен ред да бидат ставени измените на Изборниот законик, по скратена постапка, кои се однесуваат на изборот на членови на ДИК, но и изборот за нов гувернер на Народна банка на Република Македонија.
На оваа седница се и предлог одлуката за јавен оглас за избор на директор на Оперативно-техничката агенција, извештајот за работата на Специјалното јавно обвинителство, предлог- одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница до крајот на годината.
Пратениците ќе го разгледаат и Предлог- законот за акцизите што го предложи опозицијата, како и годишните извештаи за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017-та година и на Државната комисија за решавање во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка за 2017-та година.
