Судот го ослободи Заев од одговорност во случајот „Поткуп“
Читајќи ја пресудата, судијата Тодоровски рече дека јавниот обвинител не успеал да докаже дека обвинетиот Заев го сторил делото што му се ставаше на товар и од тие причини донел ослободителна пресуда.

Судијата Дарко Тодоровски од Кривичниот суд Скопје го ослободи од одговорност премиерот Зоран Заев, кој беше обвинет во случајот „Поткуп“.
Читајќи ја пресудата, Тодоровски рече дека јавниот обвинител не успеал да докаже дека обвинетиот Заев го сторил делото што му се ставаше на товар и од тие причини донел ослободителна пресуда.
На минатото рочиште обвинителката Валентина Бислимовска побара измена на правната квалификација на обвинителниот акт и наместо за примање поткуп, обвинетиот Зоран Заев да биде осуден за барање поткуп. Обвинителката за ова кривично дело побара од Судот на Заев да му се изрече осудителна пресуда, која, според законот, е од една до пет години затвор.
Премиерот Зоран Заев беше обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160 илјади евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.
