Образование

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ одбележува 69 години од основањето

21.05.2018 13:01

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска одбележува 69 години од основањето. Вечерва во Македонската филхармонија ќе се одржи Свечена академија, на која ќе се обратат ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски и премиерот Зоран Заев...

Квалитетот на студиските програми, мобилноста и привлекувањето на студенти од странство се главни приоритети на раководството на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Очекуваат, со измените во новиот Закон за високо образование да се унапреди наставно- научниот процес и да се подигне Универзитетот на повисоко ниво на светската мапа на високообразовните институции.

„Континуирано подобрување на квалитетот на студиските програми и условите во кои студентите студираат. Од големо значење за нас е мобилноста на студентите и професорите, кои од година во година се зголемуваат, а една од заложбите ни е привлекување на што поголем број странски студенти“- рече ректорот Јанкуловски.

Пред споменикот на Светите Кирил и Методиј се одржа молебен за Денот на сесловенските просветители, на кој чиноначалствуваше архиепископот охридски и македонски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан заедно со свештенослужителите.

По повод 69-години од основањето на Универзитетот, делегации од факултети при УКИМ, од студентските организации и од Руската амбасада положија цвеќиња.

На свеченоста беше промовиран почесниот професор на УКИМ, Фридрих Хербст, абдоминален хирург од Виена кој веќе 15 години ги обучува младите лекари од Македонија во неговата област.

 

Игор Панов