Венецуела

Мадуро реизбран за претседател, опозицијата не го признава резултатот

21.05.2018 13:10

Социјалистот Николас Мадуро освои уште еден шестгодишен претседателски мандат во Венецуела којашто подолг период се соочува со политичка и економска криза. Во победничкиот говор, реизбраниот претседател им се заблагодари на поддржувачите. Опозицијата не го признава резултатот. Гласањето на претседателските избори беше бојкотирано од голем дел од граѓаните.

Со освоени над 5,8 милиони гласови, досегашниот претседател на Венецуела, Николас Мадуро е реизбран за претседател на оваа јужноамериканска држава. Неговиот главен противник Енри Фалкон доби поддршка од 1,8 милиони гласачи на изборот чијшто одзив достигна 46,1 процент. По објавувањето на резултатот, поддржувачите на Мадуро победата ја прославија со латино танци околу Претседателската палата во центарот на Каракас.

Им велам на сите да се смират. Не знам дали ќе ме сфатат, но треба да се смират. Разберете дека Венецуела е гаранција за политичката стабилност во карипскиот регион на Јужна Америка. Боливарските сили на Чавес се гаранција за стабилноста на Венецуела. Благодарам што надминавме многу напади и лаги, и што ми се придруживте во сите битки и што повторно ме изгласавте за претседател на боливарската република Венецуела. Ги повикувам сите кандидати и нивните политички тимови на средби за да отвориме дијалог за иднината на Венецуела“, нагласи Мадуро.

Опозицијата повика на бојкот на изборите и ја обвини владата за вршење притисок врз гласачите.

Ние не го признаваме овој изборен процес, за нас избори немаше. Во Венецуела треба да бидат организирани нови избори. Ние сме подготвени да учествуваме без нерегуларности, без потпомагано гласање, без уцена. Така се градат демократија и алтернатива кои им дозволуваат на луѓето да си заминат од оваа состојба на неизвесност, мизерија и трагедија“, рече Хенри Фалкон.

Изборите во Венецуела се нелигитимни и за САД, ЕУ и многу латиноамерикански земји.

Маја Филдишев