10 милиони евра за нов систем за наводнување во Валандовско
Ќе се гради нов систем за наводнување за површина од околу 2 илјади хектари во Валандовско. Инвестицијата надминува 10 милиони евра, од кои 4 се грант на германската влада...

Над 10 милиони евра ќе чини изградбата на системот за наводнување на јужната долина на реката Вардар, на територија на Валандовско. Треба трајно да го реши проблемот со обезбедување вода, велат од Министерството за земјоделство. Ќе може да се наводнува површина од над 2.000 хектари. Меѓународниот јавен повик за избор на изведувач е веќе објавен.
Одржливото управување на водните ресурси ќе придонесе за зголемен обем на одгледување на традиционалните култури, велат од ресорот. Земјоделците ќе можат да се насочат и кон подоходовни култури. Преку новиот систем ќе се обезбедува вода и за повисоките зони во текот на целата година.
Градежните работи треба да почнат кон средината на септември годинава и да се завршат за 21 месец. Проектот се финансира со 70 проценти од средства преку Германската развојна банка и 30 проценти од буџетот. Предвидено е модернизирање на мрежата за наводнување и изградба на четири автоматизирани пумпни станици.
Дијана Ценевска
