Анита Ангеловска- Бежоска нов гувернер на НБРМ

21.05.2018 15:45

Со гласовите на 81 пратеник од власта и од опозицијата, Законодавниот дом ја именуваше Анита Ангеловска- Бежоска за гувернер на Народна банка на Република Македонија. Бежоска е прва жена гувернер во историјата на Централната банка, а на новата функција доаѓа од позицијата вицегувернер...

Власта и опозицијата со консензус ја избраа Анита Ангеловска- Бежоска за нов гувернер на Народната банка на Македонија. Со 81 глас „за“ и ниту еден „против“, пратениците се согласни дека досегашниот вицегувернер професионално ќе се снајде со водењето на монетарната политика во земјава.

Многу е добро кога аргументите ќе надвладеат, а предлогот Бежоска да биде новиот гувернер е доказ дека ако се имаат предвид фактите, може да биде прифатлив за сите страни, ценејќи ја пред сѐ стручноста- рекоа од владеачкото мнозинство.

Анита Ангеловска- Бежоска докторирала на Економскиот факултет во Љубљана. Од 2010-та ја извршува вицегувернерската фунција во Народната банка на Македонија. Претходно работела на високи позициии во Министерството за финансии, но и во Меѓународниот монетарен фонд.

 

Миле Ристески