Заев: Треба да му се даде шанса на предлогот „Република Илинденска Македонија“
Треба да му се даде шанса на предлогот „Илинденска Македонија“, вели премиерот Заев. Ќе се обидеме да најдеме решение, разговорите продолжуваат. Собраниската Комисија за надворешна политика го бара предлогот за името на писмено...

Во Грција не постои парламентарно мнозинство за прифаќање на името „Илиденска Македонија“ како решение за 25- годишниот спор, но апелирам поголемото мнозинство во грчкиот Парламент длабински повторно да размисли и да го разгледа предлогот, изјави премиерот Заев потврдувајќи дека македонската страна останува на пакетот што содржи име „Илиденска Македонија“ и уставни промени, што ќе биде разгледано и на средбата со посредникот Нимиц во њујорк кон крајот на неделава.
„Учествуваме во разговорите и ќе продолжиме понатаму, блиску сме. Верувам дека можеме да најдеме решение. Напоменувам дека зборуваме за пакет, не зборуваме за поединечни делови, поради тоа што не може да се очекува уставна промена во Македонија за кое било решение. Затоа прифативме уставна промена, зошто ова е решение што не нѐ понижува, го зачувува нашето достоинство и притоа идентитетските прашања се фиксирани“, изјави премиерот Заев.
Заев очекува изјаснување на опозицијата за пакетот решение „Илиденска Македонија“ за севкупна употреба и правно мислење за временскиот рок и процедурите во Обединетите нации. Собраниската Комисија за надворешна политика побара увид во списите за предлогот за името.
„Многу е тешко да се изгради став кога нема писмен прелог, и затоа сакаме како Комисија за надворешна политика да побараме од министерот за надворешни работи да ги достави списите на кои се базира овој можен предлог, за да можеме да заземеме став и како пратеници и како Комисија“, изјави Антонијо Милошоски, претседател на собраниска Комисија за надворешна политика.
Премиерот Заев најави дека доколку се отфрли „Илиденска Македонија“, разговорите за можното решение за името нема да се вратат на почетокот туку ќе продолжат со разработување на варијантите што ќе доведат до конечно решение прифатливо за двете страни.
Ирина Гелевска
