ВМРО-ДПМНЕ: Ослободителната пресуда за Заев донесена под политички притисок
Портпаролот на партијата Стоилковски изјави дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците.

Ослободителната пресуда на премиерот Заев за „Поткуп“ е донесена под политички притисок на власта, обвини ВМРО- ДПМНЕ. За партијата со денешната пресуда на дело се потврдила неказнивоста на власта и била испратена порака дека законите не важат за СДСМ, нивните функционери слободно може да бараат поткуп и да тонат во корупција.
Портпаролот на партијата Стоилковски изјави дека судот е политичка алатка за пресметка на СДСМ со неистомислениците.
„Денешната одлука на судот е потценување на севкупната македонска јавност дека не го видела тоа што го виде на снимките на кои Зоран Заев бара поткуп. Денешната одлука на судот е потценување на секој граѓанин кој го слушна сведочењето на оштетениот бизнисмен кој под заклетва тврдеше дека Зоран Заев во својство на градоначалник му барал поткуп за секој квадратен метар земјиште и тоа по едно евро за црквата, едно евро за партијата и едно евро за Вице“, рече Стоилковски.
