Тевдовски: Јавниот долг е под контрола
Над 80 насто од капиталните инвестиции ќе бидат реализирани до крајот на годинава- тврди Владата. Ниското ниво експертите го лоцираат во слабото менаџирање од јавната администрација. Јавниот долг е под контрола тврдат од финансии...

Долгите тендерски постапки и лошото менаџирање без соодветна проценка со слаби физибилити студии ги пролонгира и поскапува капиталните инвестиции, посочуваат експертите. Во првиот квартал реализацијата изнесувала само седум проценти, наспроти 52 насто за истиот период лани. Првиот човек на МАНУ сугерира владините институции да ги зајакнат капацитетите за добро управување со капиталните инвестиции.
„Едно е да се планираат капиталните инвестиции, а друго е да се реализираат. Секогаш има проблем со нивната реализација, бидејќи немаме доволно способност во јавната администрација за менаџиирање на капитални инвестиции. Потребни се добри физибилити студии и однапред да се предвидат низа работи во проектите кои можат да ги пролонгираат и поскапуваат како што се регулацијата на имотно-правните односи, еколошките проблеми и заштита на археолошките наоѓалишта покрај трасите што придонесува да не се реализираат со предвидената динамика“, посочува академик Таки Фити, претседател на МАНУ.
Во буџетот има речиси 400 милиони евра за капитални инвестици, во првите три месеци се одлеале само триесетина милиони. Од владата уверуваат дека до крајот на годинава ќе се реализира 80 насто од проектираното.
„Факт е дека тие инвестиции во Буџетот слабо се реализираат на почетокот на годинава поради неподготвени проекти и неефикасни тендерски постапки. Во април и мај посветено работевме за нивна реализација и на завршетокот на вториот квартал ќе се види дека тие се повисоки. Оптимист сум дека капиталните инвестиции во Буџетот до крајот на годинава ќе бидат реализирани над 80 отсто и дека ќе биде реализирано она што беше предвидено“, изјави вицепремирот за економски прашања, Анѓушев.
Академската јавност предупредува на ниското ниво на јавна потрошувачка мерено според ефектите врз бруто- домашниот производ. Сугерира, фокусот да се стави на капиталните расходи, изградбата на крупни инфраструктурни поекти и одржливост на јавниот долг. Од финансии велат- иако наследен со брзорастечко темпо, по 10 години ставен е под контрола. Транспарентноста е зголемена, наплатата на даноците подобрена, исплатени се дел од старите долгови, капатните стапки се пониски, убедува министерот Тевдовски.
„Започнавме со постепена фискална консолидација и веќе ги имаме првите позначајни резултати. Во моментов јавниот долг е 47,6 проценти од БДП и во споредба со 2017-та имаме намалување на јавниот долг како процент од БДП“, нагласи министерот Тевдовски.
Академијата, експертите, Владата и бизнисмените на првата од серијата дебати на Економскиот факултет посочија, сериозно и суштински да се преиспитаат непродуктивните трошоци за да запре тенденцијата на раст на јавниот долг, доброто управувањето со јавните финансии е клучно за фикалната транспарентност.
Сузана Фиданска- Стоевска
